[ФОТО] Еден од најголемите градови на светот тоне, државата го менува главниот град

Точка

29/04/2024

21:06

12.697

Големина на фонт

а а а

Сместен на северозападниот брег на Јава на устието на реката Чиливунг, Џакарта е главен и најголем град во Индонезија. Во него живеат речиси 11 милиони луѓе, а ако ја вклучиме и околината, дури 30 милиони луѓе. Вкупно, земјата има 276 милиони жители кои живеат на повеќе од 17.000 острови.

Џакарта тоне. Околу 40 отсто од површината на градот е веќе под нивото на морето, пренесува „Forbes“. Поради оваа причина, индонезиската влада планира да ја пресели престолнината во Нусантара, нов град сместен на источниот брег на островот Борнео, дури 1400 километри северно од Џакарта.


Изградбата на новата престолнина ќе чини околу 35 милијарди долари, а ќе биде довршена дури во 2045 година. Тогаш таму ќе се преселат бројни државни институции и околу 6000 државни службеници. Политичарите тврдат дека до 2045 година Нусантара ќе биде „зелена метропола“ која во целост ќе се напојува со обновлива енергија.

Иако работите траат веќе две години, сè уште не е целосно јасно како ќе се финансира изградбата на новиот главен град. Индонезиската влада се обврзала да обезбеди само 20 отсто од вкупниот износ, додека работи на изнаоѓање други извори на финансирање.


Не е прва таква идеја на светот

Индонезиската идеја не е прва од ваков вид во светот. Бразил веќе го пресели својот главен град од Рио де Жанеиро во Бразилија во 1960 година, додека Абуџа го замени Лагос како главен град на Нигерија во 1991 година.

Сепак, одлуката на Индонезија е прва заснована на климатската криза. Зголемувањето на нивото на морето во последните години ја направи Џакарта град во светот кој најбрзо тоне, што ги натера индонезиските власти да разгледаат алтернативи.


Поради прекумерното испумпување на подземните води, градот тоне околу 6 центиметри годишно, а 40 отсто од градот е веќе под нивото на морето. Еколозите предупредуваат дека една третина од Џакарта би можела да биде под вода до 2050 година доколку нешто не се промени наскоро.

Како сè започнало?

Во август 2019 година, индонезискиот претседател Џоко Видодо го одобри планот за преместување на главниот град од Џакарта во новиот град Нусантара. Локацијата е избрана поради нејзината близина до морето и фактот дека има релативно мал ризик од земјотреси, цунами и вулкански ерупции на ова подрачје.


Исто така се вели дека изборот на Нусантара ја одразува геополитичката визија на претседателот Видодо и потсетува на карактеристичната суштина на Индонезија. Името Нусантара буквално значи надворешни острови.

Борнео кој се смета за еден од најголемите острови во светот и дом на Нусантара, е познат по прашумите стари 140 милиони години во кои живеат загрозени автохтони видови, вклучувајќи го и борнеанскиот орангутан.

Околу три четвртини од островот е територија на Индонезија, а остатокот им припаѓа на Малезија и Брунеи. Во Борнео во целина живеат околу 23 милиони луѓе.


Илјадници работници на градилиштето

Изградбата на новиот главен град на Индонезија започнала летото 2022 година. На градилиштата најпрвин работеле околу 100.000 работници, а сега веќе ги има околу 200.000. Според информациите на веб-страницата на овој голем проект, во новиот главен град за почеток ќе живеат околу половина милион луѓе. До крајот на оваа деценија, во градот планираат да изградат соларна електрана од 50 мегавати и да се користат исклучиво електрични возила.


Во проектот учествуваат некои светски познати личности. Меѓу нив се и поранешниот британски премиер Тони Блер и принцот од Абу Даби, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, кои се членови на градежниот одбор на Нусантара. Во октомври, Институтот Тони Блер потпиша договор и се обврза да изгради истражувачки центар во новата индонезиска престолнина.



Спонзорирани линкови

Маркетинг